Две лица се хоспитализирани во Санкт Петербург поради сомнеж за мајмунски сипаници и се наоѓаат под медицински надзор, соопшти денеска меѓурегионалната канцеларија на руската федерална служба Роспотребнадзор.
Според информациите од службата задолжена за здравствен надзор и заштита на потрошувачите, ситуацијата е под контрола и веќе се преземени сите потребни противепидемиски мерки. „Во текот на епидемиолошката истрага се работи на идентификација на контактите. Две лица се хоспитализирани и се под медицински надзор. Издадени се налози за дезинфекција“, се наведува во соопштението.
Од Роспотребнадзор потсетуваат дека располагаат со современи тест-системи за брза дијагностика на вирусот, а кон средината на октомври во Санкт Петербург беа хоспитализирани уште пет лица со сомнеж за мајмунски сипаници, кои по две недели беа отпуштени од болница.

