Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска престојува во работна посета на Полска, каде што ќе присуствува на комеморативното одбележување на холокаустот на македонските Евреи. Настанот ќе се одржи во Меморијалниот и музејски комплекс Треблинка, на местото на поранешниот нацистички логор во Треблинка во окупирана Полска.

Според информациите од Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова ќе положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи кои во март 1943 година биле депортирани во логорот на смртта.

Во македонската делегација, предводена од претседателката, се и амбасадорот Габриел Атанасов, национален координатор и шеф на делегацијата при Меѓународна алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА), како и претставници од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и од Еврејската заедница во Северна Македонија.

Во рамки на посетата на Варшава, претседателката ќе положи венец и пред споменикот посветен на жртвите од Варшавското гето, а ќе оствари и средба со претставници на македонската дијаспора.

Од Кабинетот информираат дека Сиљановска-Давкова е првиот македонски претседател што ќе го посети меморијалниот комплекс Треблинка по повод одбележувањето на Денот на депортацијата на македонските Евреи.

Exit mobile version