Сиљановска – Давкова прими новинарска делегација од Турција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими новинарскa делегација од Република Турција, членови на Глобалниот совет на новинари, кои престојуваат во земјава по повод 21 декември, Денот на наставата на турскиот јазик.
На средбата, соговорниците разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете пријателски земји, за статусот на турската заедница, како и за важноста на новинарството - еден од клучните столбови на демократијата и општествениот развој.
Претседателката Сиљановска-Давкова во разговорот порача дека ја почитува улогата на новинарите во борбата против патријархалната и парохијалната политичка култура, потенцирајќи дека тие се рендген, микроскоп и чувар на демократијата. Во таа насока, таа ги реафирмираше нејзините заложби, што ги имаше уште како пратеничка во Собранието, за декриминализација на делата клевета и навреда за новинарите.
Разговарајќи за мултикултурализмот во земјава, претседателката рече дека концептот на бинационална држава не е добро решение и дека тн. помали заедници, вклучувајќи ја и турската заедница, треба да имаат поголема улога, бидејќи тие се клучот за меѓусебното разбирање.
„Фактите се дека турската заедница е доказ дека е во континуитет дел од македонското мултиетничко општество и дека имала, има и треба да има важно место во заедницата, таква каква што имала во 1944 година“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова.
Истакнувајќи дека Турција била, е, и ќе остане пријател и сојузник на нашата држава, претседателката истакна дека во услови на мултиполарен свет треба да се надмине евроцентризмот, да се почитува турскиот републиканизам и влијанието што преку Турција може да се реализира во азискиот свет.
Претставниците од турските медиуми изразија големо задоволство од можноста за средба со претседателката, како и задоволство од севкупниот третман на турската заедница и правата кои ги ужива во земјава.
Тие се заблагодарија за соработката што ја остваруваат со македонските медиуми и националниот сервис, која претставува мост за размена на информации, културни вредности, позитивни приказни и промовирање на меѓусебното разбирање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа