Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска им се обрати на студентите на првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со кој официјално започна новата академска 2026/2027 година, порачувајќи им дека во нив секогаш чувствува чудна младешка енергија и бунтовност со причина.
Говорејќи за значењето на правото, образованието и критичкиот ум, претседателката истакна:
– Сè уште верувам дека политиката може да се заузда со правото и дека на овој чуден свет му треба идеализам. Право, правда и етика.
Таа нагласи дека најважно за студентите е да веруваат во силата на критичкиот ум, потсетувајќи на историското наследство на светите Кирил и Методиј и неодамнешното доделување на државната награда „8 Септември“ на светски познатата научничка Светлана Мојсов. Во однос на современите технологии, Сиљановска-Давкова порача дека вештачката интелигенција не смее да го потисне човечкиот потенцијал:
– Да не дозволиме вештачката интелигенција да го наруши природниот ум, зашто за да користите вештачка интелигенција, мора да имате природна интелигенција.
На крајот, таа ги повика студентите активно да ги бараат своите права и да се стремат кон промени, нагласувајќи дека УКИМ треба да биде предводник во општествените трансформации.


