Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд и јужен ветер предизвика материјална штета во Подгорица, главниот град на Црна Гора. Во текот на ноќта кон понеделник биле соборени повеќе дрвја и гранки, а едно од нив паднало врз паркиран автомобил.
Според информациите од градското претпријатие „Зеленило“, налетите на ветерот на моменти надминувале 50 километри на час, предизвикувајќи оштетувања на зеленилото на повеќе локации низ градот.
Екипите на надлежните служби од раните утрински часови се ангажирани на отстранување на паднатите дрвја и гранки, со цел расчистување на улиците и јавните површини.
Од претпријатието биле објавени и фотографии од последиците од невремето, меѓу кои и автомобил врз кој паднало дрво.
Засега нема информации за повредени лица, додека службите продолжуваат со расчистување на последиците од силниот ветер и дождот.

