Македонската православна црква и верниците денеска го одбележуваат споменот на светиот Нестор Солунски, христијански маченик и верен ученик на свети Димитриј Солунски, кој според преданието претставува новозаветен симбол на борбата против неправдата.
Според историското и црковно предане, за време на владеењето на суровиот цар Максимилијан во Солун, градот бил претворен во арена за морничави игри. Главна атракција на царот бил вандалскиот гладијатор Лиј, џин кој секојдневните борби со заробените христијани ги завршувал така што победените ги фррал од висока бина врз забиени остри копја.
Гледајќи го мачењето на недолжните, младиот Нестор побарал благослов од свети Димитриј кој тогаш се наоѓало во темница. По прекрстувањето на челото и градите, свети Димитриј му го испратил следното пророштво:
„Лиј ќе го победиш, но за Христа ќе пострадаш.“
Откако излегол на бината, Нестор се прекрстил со зборовите „Боже Димитриев, помогни ми!“ и го совладал џинот, фрлајќи го директно врз остриците од копјата. Поради овој чин и гневот на царот, свети Димитриј бил избоден со копја во темницата, додека на Нестор му ја отсекле главата во 306 година.
Народните верувања налагаат дека на овој ден не треба да се покажува страв или кукавичлук пред препреките, туку проблемите се решаваат достоинствено. Исто така, според традицијата, во одредени краишта не се отвараат амбарите и не се дира кошот со жито за да се заштитат посевите од штетници, а на сите кои искрено му се молат на светецот им се исполнуваат желбите.

