Шефот на Мосад утре во Катар ќе се сретне со шефот на ЦИА

Шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барнеа, ќе отпатува во Доха, Катар, каде утре ќе има средба со шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, како дел од преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, соопшти денеска кабинетот на израелскиот премиер.

Барнеа ќе се сретне и со катарскиот премиер и шефот на египетските разузнавачки служби, како и со други посредници во преговорите меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците во Газа во замена за палестински затвореници, се додава во соопштението.

Барнеа во понеделникот отпатува во Доха на неколкучасовни индиректни преговори со Хамас за да го придвижи постигнувањето договор што би можел да доведе до ослободување на заложниците што се држат во Појасот Газа во замена за продолжен шестнеделен прекин на огнот и ослободување на стотици палестински затвореници. Договорот може да вклучи и овозможување на раселените жители од северниот дел на Појасот да се вратат дома.

Додека Барнеа се врати во Израел за да го информира кабинетот за безбедност, неговите соработници останаа во Доха за да ги продолжат преговорите, главно за техничките точки. Израел одби да каже до каде се разговорите.

21.03.2024 - 20:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега