Затегнатиот пласман и лошите временски прилики беа повод Министерството за земјоделство да подготви законски измени со кои се укинува обврската за остварен минимум од 30 проценти продадено производство за добивање субвенции во лозарството, овоштарството и поледелството.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на денешната прес-конференција соопшти дека измените на Уредбата за директни плаќања за 2026 година ќе поминат на следната владина седница.
– Во Министерството ги завршуваме анализите за измена на Уредбата за директните плаќања за 2026 година. На следната седница на Владата ќе предложиме укинување на овој услов за производителите во лозарството, овоштарството и поледелството, изјави министерот.
Владата исто така одобри поволни кредити во износ од 12,9 милиони евра преку Развојната банка за поддршка на откупот. За винарските визби се предвидени 9 милиони евра (553,48 милиони денари) за сортата вранец, додека 3,9 милиони евра (240 милиони денари) се алоцирани за откуп на оризова арпа.
На барање на винарските визби ќе ги олесниме условите за користење на овие средства за откуп на вранец. Грејс-периодот ќе биде зголемен од три на 18 месеци, по што ќе следуваат дополнителни 18 месеци за отплата на кредитот, со фиксна годишна каматна стапка од еден процент. Како заложно обезбедување ќе може да се користи и произведеното вино – истакна Серафимовски.
Причина за поддршката е и падот на извозот на винско грозје за 27,5 проценти во првите осум месеци од годинава, каде се извезени само 619 тони. За разлика од него, извозот на трпезно грозје забележа благо зголемување од 2,7 отсто и достигнал 4.962 тони.
Од ресорното министерство потврдија дека досега за финансиска поддршка се исплатени над 15,4 милиони евра на вкупно 30.389 земјоделци.


