Вчерашниот ден бил еден од најтешките оваа сезона во однос на пожарите на отворено поради високите температури и силниот ветер, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според неговите информации, од регистрираните 40 пожари на отворено, околу триесетина се изгаснати, додека четири се сè уште активни на теренот.
„Пожарот на македонско-косовската граница, кој беше активен неколку дена, е целосно изгаснат и во моментов нема горење од ниту една страна“, рече Ангелов, дополнувајќи дека овој пожар нема да предизвика загадување на воздухот во Скопје.
Во однос на останатите жаришта, пожарот кај Брвеница повторно се активирал иако претходно бил под контрола, но по ноќната интервенција на пожарникарите и тимовите на ДЗС, утрово повторно е ставен под целосна контрола. Во раните утрински часови изгаснат е и пожарот кај селото Руѓинце во општина Старо Нагоричане, при што Ангелов упати благодарност до локалните противпожарни екипи од Старо Нагоричане и Ранковце за нивната пожртвуваност.
„Најкомплексна е состојбата кај месноста Рамно на Скопска Црна Гора. Како поддршка на скопските пожарникари и тимовите на ДЗС, ангажиран е полициски хеликоптер, а активирани се и тимови од „Национални шуми“. Во гаснењето учествуваат и 30 припадници на Армијата. Теренот е тешко пристапен, а на одредени места и целосно непристапен“, изјави Ангелов.
Активен останува и пожарот кај Белица во Македонски Брод, каде што интервенираат локалните пожарникари, како и пожарот кај струското село Селце за кој е предвидена и воздушна поддршка. Пожарот кај кичевското село Тајмиште, пак, е ставен под целосна контрола.
Директорот на ДЗС предупреди дека во текот на денот се можни нови промени во состојбата поради високите температури.
„Апелирам граѓаните да бидат исклучително внимателни. Доволна е само една искра за да настане вистинска катастрофа“, апелираше Ангелов.


