СДСМ реагира на најавата за нов ребаланс на Буџетот, оценувајќи дека тоа се случува само два месеци по последниот ребаланс и претставува показател за, како што велат од партијата, лошата состојба на државната каса и неуспехот на економските политики на Владата.
Од СДСМ тврдат дека буџетскиот дефицит достигнал 900 милиони евра и дека Владата нема доволно средства за редовно покривање на платите, пензиите и тековните обврски. Според нив, наместо решавање на проблемот со приходите и расходите, следуваат нови задолжувања.
Од партијата посочуваат дека Владата веќе се задолжила со нови 250 милиони евра за буџетски потреби до крајот на годината. Според СДСМ, средствата не се наменети за враќање на стари кредити или за развојни инвестиции, туку за покривање на недостигот во државната каса.
„Буџет што се полни со кредити, додека граѓаните слушаат за економски успеси“, велат од СДСМ, додавајќи дека економските показатели, според нив, не ги потврдуваат владините најави за економски напредок.
Од СДСМ наведуваат и дека дефицитот во Буџетот изнесува 900 милиони евра, додека обврските кон ПИОМ, според нив, достигнале една милијарда евра. Тие обвинуваат дека Владата наместо обезбедување стабилни приходи и одговорно трошење, го зголемува задолжувањето за покривање на основните обврски.
Според партијата, со новото задолжување јавниот долг достигнува 11 милијарди евра, а заедно со долговите кон ЈПДП и другите јавни претпријатија надминува 63 проценти од БДП.
СДСМ оценува дека зголемувањето на долгот претставува товар за граѓаните и идните генерации, бидејќи кредитите, како што велат, не се приход, туку обврска која треба да се враќа.


