Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска упати сериозно предупредување до европратениците, истакнувајќи дека Украина се соочува со најтешката зима во последната деценија. Руте побара од Европската унија да не поставува престроги услови за користење на заемот од 90 милијарди евра наменет за безбедноста на Киев.
„Ве повикувам да обезбедите флексибилност и да не бидете премногу рестриктивни со правилата ‘купувај европско’“, порача Руте во Европскиот парламент. Тој објасни дека иако Европа ја гради својата одбранбена индустрија, во моментов таа не може да обезбеди ниту приближно доволно опрема за потребите на Украина.
Според шефот на Алијансата, безбедноста на Украина е безбедност за цела Европа, па затоа е клучно средствата да се трошат брзо и ефикасно, без оглед на тоа од каде потекнува оружјето.

