Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во вечерашното гостување на ТВ Сител предупреди на сериозни економски последици доколку Европската унија ги воведе најавените мерки за македонските превозници и извозници на челик. Според неговите проценки, штетата би била енормна и би ги поништила придобивките од европската помош.

„Доколку се примени мерката кон нашите превозници и тарифите врз челичната индустрија, ние ќе платиме цена која ќе биде четири до шест пати повисока од средствата што би ги добиле од Планот за раст“, истакна Муцунски. Тој додаде дека е неприфатливо земјите од Западен Балкан да се ставаат во иста група со Русија, Белорусија и Северна Кореја кога станува збор за трговските тарифи.

Министерот посочи дека Македонија, заедно со регионот, активно лобира во Брисел од септември. Иако од ЕУ има сигнали дека се свесни за проблемот, Муцунски изрази незадоволство од брзината со која се бара решението, нагласувајќи дека искреноста на ЕУ кон интеграцијата ќе се докаже токму преку спречувањето на овие негативни економски мерки.

Exit mobile version