Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) повикува на внимателно и одговорно учество во сообраќајот за време на празникот 23 Октомври и продолжениот викенд, кога се очекува зголемена фреквенција на возила, особено на патиштата надвор од градовите.

Од Советот апелираат возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол или психотропни супстанции и да не користат мобилни телефони додека возат.

Посебен акцент се става на задолжителното користење сигурносен појас, правилното сместување на децата во соодветни детски седишта и одржувањето безбедно растојание меѓу возилата. Возачите се повикуваат да избегнуваат ризични маневри и непотребно изложување на опасност.

Пред поаѓање, потребно е да ја проверат техничката исправност на возилото, а доколку почувствуваат замор за време на патувањето, да направат пауза и да се одморат.

Од РСБСП порачуваат празничниот викенд да помине со безбедни патувања и среќно враќање дома.

Exit mobile version