Европската Унија ќе остане сигурен партнер додека Кочани продолжува да заздравува од катастрофалната загуба, порача евроамбасадорот Михалис Рокас, кој денеска го посети градот за да оддаде почит на 63-те жртви од пожарот што се случи на 16 март годинава.

Делегацијата на ЕУ оствари серија дискусии зад затворени врати со здружението на родителите на жртвите „16 март 2025“ и со група преживеани лица, нудејќи им безбеден простор за споделување на искуствата со поддршка на експерти од Центарот за психосоцијална и кризна акција.

На официјалните средби со градоначалникот Владко Грозданов и Советот на Општината, беше разговарано за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните речиси девет месеци по трагедијата, како и за приоритетите за развој. Рокас најави широк спектар на иницијативи, вклучувајќи надградба на медицинската опрема, подобрување на управувањето со животната средина и енергетски ефикасна реконструкција на јавни згради.

Посебен фокус беше ставен на младите преку најавата за нова „Јуроп хаус“ (Europe House) во Кочани.

„Кочани покажа сила во година обележана со катастрофална загуба. Денес дојдовме пред сè да ја слушнеме и да ја поддржиме заедницата. Посветеноста на семејствата, посветеноста на локалните институции и енергијата на младите луѓе тука се јасни. Европската Унија ќе остане сигурен партнер додека Кочани продолжува да заздравува и да се движи напред“, изјави амбасадорот Рокас по посетата.

Exit mobile version