Собранието денеска се очекува да ја започне 112. седница, на која ќе се расправа за реконструкцијата на Владата, односно за разрешување на повеќе министри и избор на нивни наследници.

Според предложените кадровски решенија, Игор Филков ќе биде разрешен од функцијата министер за правда, а на негово место е предложен Јетон Шасивари. Иван Стоилковиќ ќе ја напушти функцијата министер за односи меѓу заедниците и ќе биде предложен за министер за локална самоуправа, каде ќе го наследи Златко Перински. Перински, пак, е предвидено да стане директор на Фондот за здравствено осигурување.

За нов министер за здравство е предложен Сашо Клековски, кој треба да го замени Азир Алиу, додека Агон Ферати е кандидат за министер за односи меѓу заедниците.

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски треба да биде разрешен, а на негово место е предложен Борче Серафимовски. Во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани треба да биде заменет со Ѓоко Велковски, додека ресорот култура и туризам наместо Зоран Љутков треба да го преземе Седат Сулејмани. За министер без ресор е предложен Ерџан Демир, кој треба да го наследи Шабан Салиу.

Се очекува премиерот Христијан Мицкоски на седницата да ги образложи причините за реконструкцијата, која ја најавуваше во изминатиот период.

Согласно собранискиот Деловник, по секој предлог за разрешување на член на Владата се отвора расправа што може да трае најмногу два дена, а разрешениот министер има право да се обрати во траење до 15 минути. Изборот на новите министри се врши со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

По договорот за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците, во наредниот период во Собранието се очекува да биде доставен предлог и за уште еден нов министер, со што владејачкото мнозинство ќе биде зголемено за уште еден пратеник.

Премиерот Мицкоски најави и дека во новата владина структура повеќе нема да постои функцијата вицепремиер и министер за добро владеење, а овие надлежности ќе ги преземе лице од неговиот Кабинет. Изборот на замениците министри, според најавите, ќе следува во септември.

Реконструкцијата доаѓа на половина од мандатот на Владата. Мицкоски оцени дека по две години исполнети со стабилизација на состојбите и реализација на значајни проекти, започнува нова фаза во која акцентот ќе биде ставен на поголема ефикасност, побрза реализација на политиките и испорака на резултати.

„Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување“, изјави Мицкоски, додавајќи дека секој функционер ќе мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на својата работа.

Exit mobile version