Една девојка загина, а 16 лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи на магистралниот пат Котор–Никшиќ, во местото Липци, Црна Гора.
Несреќата се случила кога минибус со српски туристи излетал од патот и се превртел. Според првичните информации од истрагата, постои сомнеж дека возачот поради замор и поспаност изгубил контрола над возилото.

ФОТО: VATROGASNA JEDINICA KOTOR
Од црногорската полиција информираат дека со минибусот управувал 68-годишен маж од Котор. Возилото најпрво удрило во карпа покрај патот, по што се превртело.
Во несреќата животот го загубила 21-годишна девојка, и покрај укажаната медицинска помош. Повредените биле пренесени во болницата во Рисан, каде биле згрижени повеќе пациенти.
Меѓу повредените има и шест деца. Едно од нив поради сериозноста на повредите било итно транспортирано во Клиничкиот центар во Подгорица, додека останатите се под медицински надзор.
Од болницата информираат дека дел од повредените се на интензивно лекување, но во моментов нема други пациенти во животна опасност.
Несреќата се случила околу 13:10 часот, додека групата српски државјани се враќала од поклоничко патување во манастирот Острог.
На местото на несреќата бил извршен увид под раководство на обвинител од Основното државно обвинителство во Котор. Истрагата продолжува со цел да се утврдат сите околности што довеле до трагедијата.