Пратеничката во Собранието од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, преку својот профил на Фејсбук јавно понуди помош за Меланија од Куманово, откако девојката јавно апелираше за спас од насилството од нејзиниот татко, со кое се соочуваат со семејството.
-Со огромна загриженост го следам случајот на Меланија од Куманово, која јавно побара помош за себе, својата мајка, баба и братот со церебрална парализа. Сакам јавно да порачам дека мојот тим и јас стоиме на располагање.
Ќе помогнеме да се обезбеди привремено безбедно сместување за Меланија и нејзиното семејство. Воедно, ќе се обратиме и до општествено одговорни компании, организации и хумани луѓе за да обезбедиме подолгорочна поддршка и достоинствени услови за нивното секојдневие.
Не смееме да дозволиме никој да остане сам кога бара помош. Не смееме да чекаме трагедија за да покажеме солидарност.
Очекувам надлежните институции да преземат сè што е потребно за да го заштитат ова семејство и да спречат каква било можност за ново насилство. Заштитата на жртвите мора да биде над сè.
Меланија, те молам контактирај ме преку Фејсбук веднаш штом ќе го видиш овој статус. Сакам лично да разговараме и веднаш да почнеме да организираме конкретна помош за тебе и твоето семејство. Нема да дозволиме оваа борба да ја водите сами.
До Меланија и нејзиното семејство – не сте сами. Ќе останеме со вас и ќе помогнеме колку што можеме, сè додека не бидете безбедни, напиша Петровска на Фејсбук.
Инаку, Основниот суд донесе решение таткото на Меланија Цветковска да биде упатен на задолжително психијатриско лекување во Специјалната психијатриска болница во Демир Хисар.Судската одлука за задолжително психијатриско лекување е донесена врз основа на медицинската документација и вештачењата изготвени во текот на постапката.
Реакцијата следува по јавното обраќање на Меланија Цветковска од Куманово, која побара помош од надлежните институции, посочувајќи дека со години живее во страв поради, како што тврди, семејно насилство од нејзиниот татко.
Според нејзините наводи, нејзиниот татко често е под дејство на алкохол и има дијагностицирани ментални нарушувања.


