Утре во Брисел ќе се одржи 7. меѓувладина конференција за пристапување на Албанија во Европската унија, на која ќе биде отворен последниот кластер што се однесува на ресурсите, земјоделството и кохезијата.

„Овој состанок ќе послужи за отворање на преговорите за група 5 ‘Ресурси, земјоделство и кохезија’, вклучувајќи ги поглавјето 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарни прашања), 13 (рибарство и аквакултура), 22 (регионална политика и координација на структурни инструменти) и 33 (финансиски и буџетски одредби)“, објавија албанските медиуми.

Албанскиот премиер Еди Рама, најавувајќи го одржувањето на конференцијата, истакна дека „отворањето на последниот кластер во преговорите е рекордно достигнување“.

„Со отворањето на оваа група поглавја, Албанија го постигнува невозможното, бидејќи ги финализира сите преговарачки поглавја во рок од 12 месеци, постигнувајќи апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција. Целта на владата е да го заврши процесот на преговори до 2027 година. Ништо нема да не спречи кон членство во ЕУ во 2030 година“, рече Рама.

Албанија, која статус на кандидат за членство доби во 2014 година, го отвори првиот кластер од преговорите со ЕУ во октомври минатата година, што значи дека за само една година беа отворени сите кластери.

Силна поддршка за европските интеграции на Албанија даде италијанската премиерка Џорџа Мелони на заедничката прес-конференција со Рама, одржана по првата заедничка седница на владите на двете земји во Рим.

Таа изјави дека ќе се заложи политичките преговори за пристапување на Албанија во Унијата да започнат во првите шест месеци од 2028 година, кога Италија ќе претседава со ЕУ. Рама возврати дека „неговата сестра Мелони е адвокат на Албанија“ и изрази силна уверена дека ова ветување ќе се оствари.

Exit mobile version