Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на новата катна гаража во Пивара Скопје, реализирана на покана на генералниот директор на компанијата, Огњен Лазиќ.
Станува збор за инвестиција вредна 2,8 милиони евра со која се обезбедуваат повеќе од 400 паркинг места за вработените, со што се унапредуваат пристапноста, безбедноста и сообраќајната организација во производствениот комплекс.
Стефковски истакна дека од почетокот на мандатот застапува став дека големите индустриски капацитети во Автокоманда треба да обезбедат сопствен паркинг-простор за своите вработени.
„Со години наназад голем број возила се паркираа низ улиците и јавните површини во населбата Автокоманда, што дополнително го оптоваруваше сообраќајот и го отежнуваше секојдневното живеење на граѓаните. Затоа сум особено задоволен што оваа инвестиција на Пивара Скопје значи конкретно решение – вработените добиваат обезбеден паркинг, а населбата добива помал сообраќаен притисок“, изјави Стефковски.
Тој потенцираше дека и останатите индустриски капацитети во Автокоманда треба да го следат овој пример и да инвестираат во сопствени паркиралишта.
„Но, ова е само почеток. Останувам на ставот дека и останатите индустриски капацитети во Автокоманда треба да инвестираат во сопствени паркинг-простори. Тоа не е само прашање на комфор, туку и прашање на одговорност кон граѓаните и средината во која работат“, додаде градоначалникот.
За време на посетата, Стефковски разгледа повеќе објекти на Пивара Скопје и се запозна со производствените процеси и историјата на компанијата.
„Ваквите инвестиции се доказ дека успешниот бизнис и успешната локална самоуправа треба да се движат во иста насока – со инвестиции, одговорност и партнерство. Бизнис-заедницата е исклучително важен партнер за локалниот економски развој. Кога компаниите инвестираат, се развиваат и ги унапредуваат условите за работа, придобивка има целата општина“, истакна Стефковски.
Тој порача дека Општина Гази Баба ќе продолжи да гради отворен и партнерски однос со бизнис-секторот, но и ќе инсистира на одговорно работење во корист на заедницата.
„Општина Гази Баба и во иднина ќе продолжи да гради отворен, партнерски и конструктивен однос со бизнис-заедницата, но и да инсистира на одговорно работење и решенија кои носат корист за граѓаните. Инвестициите на компаниите треба да значат подобри услови не само за вработените, туку и за заедницата во која функционираат“, заклучи Стефковски.


