Мотоциклистите повеќе нема да можат да останат незабележани од системот „Безбеден град“, откако Министерството за внатрешни работи воведе техничко решение за нивно регистрирање.

Досега камерите ја снимаа само предната страна на возилата, додека регистарските таблички кај мотоциклите се поставени од задната страна, со што нивната автоматска идентификација при прекршоци беше оневозможена.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека МВР поставило дополнителна опрема на избрани локации каде што постојат соодветни технички услови.

„Го решивме и на дел од територијата на Македонија каде што првично сметавме дека има најдобри услови да се постават, ги поставивме и мислам дека, ако не се лажам, првиот ден имаме констатирано некаде околу 9 прекршоци за недозволена брзина“, изјави Тошковски.

Тој посочи дека се надминати и други технички проблеми, меѓу кои поставувањето камери на критични точки и идентификацијата на возила со странски таблички, а се работи и на проширување на санкционирањето на останатите гранични премини.

Како пример го посочи преминот Табановце, каде што фреквенцијата на возила била значително поголема од првичните проценки.

„Имавме проценка дека ќе има по 5 возила на час, а имавме по 500 возила на час“, рече Тошковски, додавајќи дека се бара решение странските возачи да ги регулираат обврските без задржување на границата.

Министерот изнесе и статистика според која до 1 септември 2025 година имало 96 загинати лица во сообраќајот, додека во истиот период годинава бројката е намалена на 60 жртви. Тој подвлече дека целта на системот е неселективно санкционирање и спасување животи на патиштата.

Exit mobile version