Протестот во Скопје за Фросина почнува во 17 часот - еве ја рутата
Денеска во 17 часот ќе се одржи голем протест во Скопје под паролата „Секој еден може да е следен“. Протестот ќе почне пред Универзалната сала, а потоа насобраните граѓани ќе се движат до Собранието, Основното јавно обвинителство, а ќе се завршат пред Кривичниот суд.
„Ги повикуваме сите загрижени граѓани да излезат и да го изразат својот револт кон системот, кој одново потфрли. Колку несреќи треба да се случат за одговорните да ја сносат својата одговорност? Колку пати треба да се докаже дека улиците се небезбедни, пред да се интервенира во урбаната инфраструктура? До каде ќе оди преќутното одобрување и возвишување на девијантното однесување?
Заедно ќе бараме одговори на овие прашања на денешниот протестен марш. Почнувајќи пред Универзална сала, преку Собрание, Основното јавно обвинителство и завршувајќи пред Кривичниот суд, институциите мора да го слушнат гласот на народот. Освен до институциите, мора да се прати јасна и недвосмислена порака и кон секој од нашето општество, дека дивјачкото однесување МОРА да се осуди и да се направи сѐ, за во иднина да нема потреба од ваков протест“, пишува во објавата на иницијативата „Кој е следен?“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа