Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ја отвори втората седница на Мониторинг комитетот за Инструментот за реформи и раст (RGF). На состанокот учествуваа високи претставници на Европската комисија, Делегацијата на ЕУ, државните институции, како и граѓанскиот сектор.

Во своето обраќање, министерот Сали порача дека европската интеграција не е само политички приоритет, туку стратешка инвестиција во долгорочната стабилност и безбедност на државата.

Сали упати посебна благодарност до амбасадорот Михалис Рокас и Европската комисија, нагласувајќи дека Македонија бележи врвни резултати во имплементацијата на европските фондови.

„Северна Македонија е меѓу најуспешните земји во регионот во имплементацијата на Реформската агенда. Досега се обезбедени повеќе од 142 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, додека во последниот циклус на оценување беа одобрени дополнителни 65,7 милиони евра – што претставува највисок износ исплатен во целиот регион.“

Од Министерството за европски прашања информираат дека на состанокот бил детално презентиран напредокот во клучните општествени сфери, по што учесниците ја потврдија заедничката посветеност за ефикасно користење на овие механизми за развој на домашната економија.

Exit mobile version