Припадници на Армијата се ангажираат во најкритичните точки во справување со пожарите

Припадниците на Армијата се активни во најкритичните точки во справувањето со пожарите. Хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ кои во текот на вчерашниот ден беа ангажирани во гасење и локализирање на пожарот во реонот на Старо Нагоричане каде исфрлија повеќе од 50 тони вода, од раните утрински часови се ангажираа на пожарот кај Кочани, информира Министерството за одбрана (МО).

-Два хеликоптери непрекинато учествуваат во гасењето на пожарот и ставање под контрола, а еден хеликоптер е во целосна подготвеност за ангажирање. Во исто време во касарните во целосна подготвеност за ангажирање се ставени уште илјада припадници на Армијата кои во случај на укажана потреба ќе бидат ангажирани во истиот момент, посочуваат од МО.

Ова, како што додаваат, беше речено на утринскиот итен состанок на министерката Радмила Шекеринска со началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и армискиот врв, за координација на учеството на Армијата во справувањето со пожарите.

Вчеравечер, по издадената наредба од претседателот Стево Пендаровски, началникот на генералштабот на Армијата издаде наредба за ангажирање на сите потребни капацитети на Армијата за справување со пожарите кои се присутни на територијата на Републиката.

Припадниците на Армијата во координација со сите инволвирани субјекти отпочнаа со координиран и насочен ангажман со ангажирање на потребен број на персонал и средства при што во доцните вечерни часови стотина армиски припадници се вклучија во гаснењето на пожарот кај Кочани, додека од раните утрински часови потребен број на припадници на армијата се вклучија во гасење на активниот пожар во реонот на Делчево и Пехчево.

03.08.2021 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега