Во време кога сѐ повеќе се зборува за одржливо управување со отпадот, едно од наједноставните и најефикасни решенија доаѓа токму од природата. Станува збор за преработка на органскиот отпад од домаќинствата со помош на дождовни црви, постапка позната како верми-компостирање. Овој природен процес овозможува кујнскиот и друг биоразградлив отпад да не заврши на депонија, туку да се претвори во висококвалитетно органско ѓубриво.

Органскиот отпад од домаќинствата, како што се лушпи од овошје и зеленчук, талог од кафе, чај, лушпи од јајца, хартиени салфетки и помали количества растителни остатоци, најчесто се меша со останатиот комунален отпад и завршува на депонии. Таму, наместо контролирано да се разгради, тој создава непријатни миризби, привлекува штетници и, што е уште поважно, придонесува кон емисија на метан – еден од најопасните стакленички гасови. Верми-компостирањето нуди практична алтернатива, односно природен, тивок и релативно едноставен систем преку кој органскиот отпад се претвора во корисен производ.
Методата се базира на користење на специјални видови црви, најчесто таканаречени компостни или калифорниски црви, кои се хранат со органски отпад и го преработуваат во стабилен, темен и хранлив материјал – верми-компост. Овој материјал е богат со корисни микроорганизми и хранливи материи и може да се користи за подобрување на квалитетот на почвата во градини, дворови, урбани зелени површини, училишни дворови, жардиниери и земјоделски површини.

Оваа метода е особено применлива таму каде што има континуирано создавање органски отпад и има можност за негово одделно собирање. Најчесто, верми-компостирањето се применува во индивидуални домаќинства со двор, но исто така може успешно да се користи и во училишта, градинки, урбани заедници, еко-пазари, ресторани, мали хотели, па дури и во колективни станбени комплекси доколку постои организиран систем и соодветен простор. Во урбани услови, оваа метода е особено корисна затоа што не бара големи површини – доволен е соодветен сад, контролирана влажност и редовно додавање селектиран органски материјал.
Еколошките придобивки од оваа метода се повеќекратни. Прво, се намалува количината отпад што завршува на депонии. Второ, се намалуваат емисиите на стакленички гасови. Трето, се создава природен производ кој ја подобрува почвата, ја зголемува нејзината плодност и ја намалува потребата од употреба на хемиски ѓубрива. Дополнително, верми-компостирањето претставува и образовна алатка, особено кога се користи во училишта и заедници, затоа што на практичен начин ја доближува циркуларната економија до граѓаните и учениците.

Економските придобивки исто така не се занемарливи. Со селекција и локална преработка на органскиот отпад се намалуваат трошоците за негово собирање, транспорт и депонирање. Во исто време, се добива производ што може да се користи или дистрибуира во локалната заедница. Во услови на зголемени цени на ѓубрива и нагласен интерес за органско производство, верми-компостот претставува корисна и економски оправдана алтернатива. Во таа смисла, за микро и мали локални иницијативи и социјални претпријатија, ова може да биде и основа за развој на нови зелени услуги и производи.
За подобро да се согледа потенцијалот, може да се направи едноставен пресметковен модел. Да претпоставиме дека едно домаќинство создава околу 3 килограми погоден органски отпад неделно. Тоа значи приближно 12 килограми месечно. Ако 100 домаќинства во една населба одвојуваат ваков отпад, тогаш на месечно ниво се собираат околу 1.200 килограми органски материјал. Ако се земе предвид дека по процесот на разградување и губење на влагата, од овој материјал може да се добијат приближно 35 до 45 проценти стабилизиран компост, тогаш тие 100 домаќинства би можеле да произведат меѓу 420 и 540 килограми верми-компост месечно. На годишно ниво тоа е помеѓу 5 и 6,5 тони корисен производ, добиен од отпад кој инаку би завршил на депонија.
Секако, за системот да функционира правилно, важно е да се знае што смее, а што не смее да се додава во компостерот. Најпогодни се растителни остатоци, лушпи од овојше и зеленчук, сецкана зелена отпадна маса, талог од кафе, чај, ситно исечкан картон и сличен биоразградлив материјал. Не се препорачува додавање месо, млечни производи, поголеми количества зготвена храна, масла или агресивни органски материи, затоа што тие можат да предизвикаат миризби и да го нарушат балансот на системот.
Во крајна линија, преработката на органскиот отпад со помош на дождовни црви не е само техничка метода. Таа претставува модел на размислување во кој отпадот се гледа како ресурс, а природата како партнер во решавањето на локалните еколошки проблеми. Ова е едно од оние решенија што се истовремено едноставни, практични и применливи, а притоа носат јасни придобивки за домаќинствата, општините и животната средина.
Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

