Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за прашања на изборите и именувањата, како и Законодавно-правната комисија.
На дневниот ред на Комисијата за одбрана и безбедност е амандманската расправа за Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија. За овој закон, според објавените информации на собраниската веб-страница, се поднесени 10 амандмани.
Членовите на Комисијата треба да ја разгледаат и Предлог-одлуката за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
Во меѓувреме, Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да утврди предлог за избор на судија на Уставниот суд.
На дневниот ред е и разгледувањето на барањето за остварување право на плата по престанок на функцијата на член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.
Седница денеска ќе одржи и Законодавно-правната комисија.

