Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжува денеска во судницата во затворот „Идризово“, каде што одбраната треба да презентира докази во рамки на судската постапка.

На претходното рочиште, во фокусот беше градежниот вештак Петре Русески, кој сведочеше по вкрстеното испрашување од Обвинителството. Тој остана на својот наод дека од градежен аспект не била извршена реконструкција или пренамена на објектот, туку само внатрешно уредување.

Русески образложи дека објектот првично бил проектиран и изграден за деловна намена, поради што, според неговото толкување на Законот за градење, приспособувањето во дискотека не ја менува неговата основна категорија. За време на испрашувањето беа отворени прашања за неговата стручност и познавањето на законската регулатива, на што одбраната реагираше со приговори.

Одбраната најави можност да побара супервештачење доколку се утврдат разлики меѓу наодите на нејзините вешти лица и оние на Обвинителството.

Родителите на загинатите, пак, изразија сомнеж во тоа колку градежниот наод може да се користи за оспорување на поширокото вештачење, кое опфаќа и урбанизам, противпожарна заштита и други области. Александар Наунов посочи дека судот треба да процени дали постојат суштински противречности што би оправдале ново вештачење.

Постапката ја води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Exit mobile version