Во импровизираната судница во затворот „Идризово“, денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“. Преживеаните гости и вработени пред судот ги опишаа моментите на ужас кога во објектот, каде животот го загубија 63 лица, настанал хаос и стампедо.

Сведокот Мартин Китанов раскажа дека бил притиснат од толпата и губел здив. „Се сетив на моите две деца и добив сила да продолжам да дишам, додека луѓе се обидуваа да ме извлечат“, рече тој. Слично искуство сподели и Иван Данаилов, кој опиша како луѓето паѓале едни преку други на излезните скали, додека Тоше Трендафилов сведочеше за тешките физички повреди и трауми кои ги чувствува и денес.

Кристијан Панов, кој работел како келнер и во пожарот го изгубил својот брат, откри дека во дискотеката работел без формален договор, а платата ја добивал во кеш директно од сопственикот Дејан Јованов-Деко. Судењето продолжува на 2 февруари, кога ќе бидат сослушани законските застапници на оштетените.

Exit mobile version