Последен ден од Минхенската безбедносна конференција

 

Делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во чиј состав се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, учествува на 61. Минхенска безбедносна конференција.

Во рамки на вчерашниот ден, премиерот Христијан Мицкоски оствари средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген, на која станало збор за актуелните безбедносни предизвици во Европа и регионот и можностите за зајакнување на меѓународната соработка во доменот на безбедноста и стабилноста.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ја истакнал заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура. 

Тој нагласил дека стабилноста на Западен Балкан е клучна за европската безбедност и ќе продолжи да работи на продлабочување на билатералните и мултилатералните односи во оваа област.

Мицкоски на маргините на конференцијата вчера остварил билатерална средба и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. Двајцата премиери разговарале за билатералните односи, евроинтегративниот процес и предизвиците со кои се соочува регионот на Западен Балкан. Мицкоски изразил благодарност за континуираната поддршка што Хрватска ја дава на Северна Македонија во процесот на европските интеграции и нагласи дека Владата останува посветена на реформските процеси со цел забрзување на пристапните преговори.

На Минхенската безбедносна конференција вчера Мицкоски се обрати на панел дискусијата Геостратегија и енергетска сигурност во рамки. Говореше за новите предизвици кои се исправаат пред НАТО, за плановите на Македонија во областа на енергетиката, како и за идните односи во Европа. 

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Мицкоски посочил дека воопшто не е изненаден од говорите на Минхенската безбедносна конференција и одредени промени на „ветриштата кои дуваат".

- Кога зборуваме за НАТО не заборавајте дека мојата држава  за да стане член на НАТО, го промени името. Кога се зборува за откажувања и за двојни стандарди не треба да заборавиме на ова. Нашата посветеност за НАТО не може да се доведе во прашање, со многу страдање и понижувања станавме членка на НАТО, рекол премиерот Мицкоски и дополнил дека не е изненаден од последните случувања и најави на американската администрација.

Мицкоски посочил дека кога се говори за двојни стандарди во политкиката треба да се има предвид македонското прашање, затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство заради вештачките прашања кои се отвораат.

- Ги слушнав гласините во Минхен, за мешање во внатрешните прашања, но кога го менувавме нашето знаме, кога ја менувавме валутата или кога го менувавме нашето уставно име, што беше тоа? Не ли беше тоа мешање во внатрешните работи и зошто тогаш никој гласно не говореше. Дури и сега се соочуваме со барање за менување на уставот пак, доколку сакаме да почнеме преговори со ЕУ. Што е тоа? Зарем не е тоа мешање во внатрешните работи, запрашал Мицкоски, се наведува во соопштението.

Ние сме дел од Европа, нагласил, и сакаме да ги аплицираме европските вредности. Но она што се случува е нешто што е комплетно различно.

- Ние сме сведоци на тн “балканизација на Европа“, наместо “европеизација на Балканот“. Некои балкански земји членки ги донесоа балканските спорови и балканските вредности во Брисел, наместо да е обратно.  Вие рековте дека Русија го негира украинскиот идентитет, јазик, црква, ужасна инвазија која беше многу погрешна во 21 век, но во исто време парламентот на една од најмладите членки на ЕУ го негира македонскиот идентитет, македонскиот јазик кој е официјален јазик на ООН од 1945 и е меѓународно кодификуван од 1977, тогаш за што зборуваме? Зошто сите молчат тогаш, потенцирал Мицкоски и посочил дека Македонија мора да добие извесност на својот пат кон ЕУ.   

Во врска пак со енергетските планови и Македонија како крстосница додал дека ова изгледа како визија за иднината на Северна Македониј, а која има огромен потенцијал. Да се биде копнена земја може да се смета за недостаток, но вашиот пристап, како што стои во соопштението, да ја искористите географската положба преку Коридорите 8 и 10 е многу стратешка.

- Коридорот 8, кој ги поврзува Црното Море со Јадранското Море, е критичен не само за економијата туку и за НАТО, бидејќи создава силна транспортна оска од Исток кон Запад. Истовремено, модернизацијата на Коридорот 10 може да го промени начинот на кој суровините и производите патуваат низ Европа, намалувајќи ја зависноста од далечни пристаништа како Ротердам и Хамбург. Ако пристаништето во Солун стане клучна точка за транспорт, Северна Македонија ќе добие значителна економска и геополитичка предност, се вели во соопштението. 

Во петокот премиерот Мицкоски се сретна со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, со кого разговарале за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата да се отворат вратите на ЕУ. Како што соопштија од Владата, Мицкоски посочил дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу.

Во главниот град на Баварија во петокот почна 61. Минхенска безбедносна конференција. Во услови на зголемени глобални тензии, овогодинешниот собир, што се одржува од 14 до 16 февруари во хотелот Бајеришер Хоф во Минхен, светските лидери, креаторите на политиката и експерти, разговараат за итни безбедносни прашања, како што се тековната војна на Русија против Украина, кризата во Газа и променливата динамика на меѓународните сојузи.

16.02.2025 - 10:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега