Лавров: Русија и САД можат да имаат заеднички економски интереси
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија и САД можат да имаат заеднички економски интереси, вклучувајќи го производството на течен природен гас, соработката на Арктикот, како и во Вселената.
Обраќајќи се пред студенти и наставници на Московскиот државен институт за меѓународни односи (МГИМО), Лавров рече дека Русија сака порамноправна соработка со Вашингтон и дека САД покажуваат сличен интерес.
Тој оцени дека САД почнуваат да ја слушаат Русија кога станува збор за причините за војната во Украина, вклучувајќи го и, како што рече, „законодавното истребување на сè што е руско“ во таа земја – јазикот, медиумите, културата и образованието, како и забраната на канонската Украинска православна црква.
Лавров потсети и на разговорите меѓу претседателите на Русија и САД Владимир Путин и Доналд Трамп, одржани во средината на август на Алјаска, кои според него покажале дека Трамп ја разбира потребата од решавање на украинската криза врз основа на почитување на националните интереси на сите страни.
Рускиот министер нагласи дека западните барања за одрекување од руските енергетски ресурси ја поткопуваат светската економија, но дека земји како Бразил, Индија и Кина не се повлекле од своите интереси и продолжуваат да соработуваат со Русија.
– Немаме желба да се осветуваме или да го искажуваме нашиот бес кон некого… Кога нашите поранешни западни партнери ќе се вразумат и ќе сакаат повторно да соработуваат со Русија, нема да ги одбиеме, но ќе ги земеме предвид нивните постапки, рече Лавров.
Тој додаде дека и покрај обидите на Западот да ја ослаби Русија, земјата никогаш не се обидела да му наштети некому, туку напротив – секогаш била подготвена за искрена соработка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа