Вечерва, се одржа свечен прием во Скопје, на кој присуствуваа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, директорката на ЗЕЛС Душица Перишиќ, градоначалниците на општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион како и раководителот за развојна соработка, Амбасада на Кралството Шведска, Микаел Атерхог, и амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, и претставници на меѓународни организации, при што партнерите ја потврдија силната и континуирана посветеност кон воспоставување регионален модерен и одржлив систем за управување со отпад, по европски стандарди. Настанот беше посветен на зајакнување на регионалната соработка како основа за одржување на утрешната конститутивна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО).
Партнерите нагласија дека државата влегува во нова фаза на воспоставување функционален Регионален систем за управување со отпад (РСУО). Овој процес е суштински и клучен за исполнување на националните законски обврски, како и за унапредување на квалитетот на животната средина, но и за приближување кон стандардите и барањата на Европската Унија.
Општините од двата региона, по тригодишна координирана работа, планирање и развој на општинските капацитети, преминуваат кон практична имплементација на РСУО. Утрешното воспоставување на МОУО претставува суштински чекор кон интегрирано, координирано и транспарентно управување со отпадот.
Шведска, преку поддршката на SALAR International, како и Швајцарија и другите партнери, повторно ја потврдија својата долгорочна посветеност кон реформите врзани со управувањето со отпад. Двете партнерски земји обезбедуваат експертиза, финансиска поддршка и институционален кредибилитет – фактори кои се клучни за успешна системска трансформација.
Градоначалниците од Пелагонискиот и Југозападниот регион ја изразија својата подготвеност, волја и одлучност да работат заедно во корист на граѓаните во функција на заштитата на животната средина.
Присутните институции го препознаа и поздравија континуираниот труд изминативе три години – спроведувањето на консултативните процеси, техничката поддршка, развојот и поддршката во имплементацијата на локалните планови, зајакнатите општински тимови и капацитети и меѓуинституционалната координација – предводени заеднички со SALAR International, со што се обезбедува стабилен влез во фазата на оперативна имплементациja.

