Сергеј Попов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, синоќа беше гостин во емисијата „Анализа“ на телевизија 24, каде дискутираше за европската интеграција на земјата. Попов истакна дека, поради одлуките и прифатените позиции на владата предводена од СДС, сегашните преговори ризикуваат да изгледаат повеќе како формални историски настани отколку како реални преговори.
Тој додаде дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека во процесот на евроинтеграција е клучна предвидливоста, како што се наведува во официјалното соопштение на партијата.
-Во оваа моментална ситуација со овие моментални работи, коишто СДС во претходната влада ги прифати, нашите преговори нема да изгледаат како преговори од област во област или од кластер во кластер, туку ќе изгледаат како преговори од историски настан до историски настан, од битка до битка, од револуционер до револуционер, каде што нашите историчари во име на нашите евроинтеграции ќе треба да капитулираат и да прифаќаат ретуширање на македонската историја, вели Попов.
Попов истакна дека доколку се започнат преговорите ќе завршат на првата идентитетска одлика на македонскиот народ, а како што вели тој, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека за да се случи нешто на патот кон ЕУ мора да има предвидливост за истото.
-Да бидеме јасни, вечерва да се усвојат уставните измени, преговорите нема да завршат никаде, односно ќе завршат на првата битка, на првиот револуционер или на првата идентитетска одлика на македонскиот народ со којшто бугарските политичари или бугарските историчари не се согласуваат, рече Попов и додаде:
,,Затоа ставот на ВМРО-ДПМНЕ и пред изборите, а и сега, е дека уставни измени, само кога ќе имаме предвидливост што после уставните измени. Ние не можеме да си дозволиме да бидеме во тој процес вечно, и вечно да се обезличуваме и да се плакнеме национално без да знаеме каде ќе стигнеме“.

