Англискиот актер Патрик Стјуарт, препознатлив по бројните култни улоги во филмови и телевизиски серии, почина во 86 година од животот, објави неговото семејство, а веста ја потврди и британскиот „Индипендент“.
Кели Буш Новак, долгогодишна портпаролка на актерот, изјави дека тој починал во својот дом во Лос Анџелес, опкружен со најблиските, по кратка борба со деменција и Алцхајмерова болест.
„Со голема тага објавуваме дека Сер Патрик Стјуарт почина вчера во својот дом во Лос Анџелес, со љубовта и грижата на неговата сакана сопруга, Сана, по кратка, но разорна борба со Алцхајмеровата болест и деменција. Тој беше опкружен со топлината на семејството и пријателите, со жива музика, молитви, солзи, смеа и таа длабока емоција што успеа да ја разбуди во сите нас во текот на целиот свој живот посветен на нас. Засекогаш ќе се сеќаваме на спокојството и мирот што се одразуваат на неговото лице, како траен потсетник за неговата неуништлива грациозност“, стои во соопштението.
Патрик Стјуарт е роден на 13 јули 1940 година во Мирфилд, Англија. Љубовта кон глумата ја открил во раното детство, а на 15-годишна возраст го напуштил училиштето за целосно да му се посвети на театарот. Своето сценско деби го имал во 1959 година, додека на телевизиските екрани се појавил во 1967 година.
И покрај бројните значајни остварувања низ децениите, светската слава ја стекна со култната улога на капетанот Жан-Лук Пикард во научнофантастичната серија „Ѕвездени патеки: Следната генерација“, со што стана една од најголемите икони на жанрот.

