Фокусот во енергетскиот сектор постепено се поместува од краткорочно контролирање на цените кон зголемување на домашното производство на електрична енергија, со цел Македонија да го намали увозот и да создаде услови за постабилни трошоци за граѓаните.

Според податоците што ги презентира власта, домашното производство во моментот покрива 88,8% од потрошувачката. За целосна независност од европските пазари и ценовни шокови, планирани се инвестиции во нови производствени капацитети.

Во тој план влегуваат проектот „Битола 3“, ревитализацијата на хидроелектраните и изградбата на ветерниот парк со 55 ветерници, кои треба да го зголемат домашниот енергетски потенцијал.

За домаќинствата најважен останува ефектот врз сметките, каде што се најавуваат конкретни мерки за намалување на трошоците.

„Со нови законски решенија се отвора можност за намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 5 до 10%, а со преземените мерки за субвенционирање на електричната енергија, директно се заштитува стандардот на граѓаните и се спречуваат ценовни шокови за домаќинствата“, најавија од владејачката партија.

Покрај зголеменото производство, за стабилизација на цените се работи и на воведување ефикасен систем, рационално работење на енергетските компании и подобро управување со капацитетите.

Поевтината енергија има за цел да ги намали сметките на граѓаните, но и да ги намали трошоците за индустријата, овозможувајќи поголема конкурентност и подобри услови за нови инвестиции.

Клучниот предизвик за државата останува најавите навреме да се претворат во реални капацитети, со што Македонија би се приближила до целта од нето-увозник да стане извозник на струја.

Exit mobile version