Општина Битола, во соработка со Центарот за јавно здравје, денеска започна со спроведување на дополнителна, вонредна ларвицидна и адултицидна дезинсекција.
Оваа превентивна мерка се спроведува како одговор на актуелната епидемиолошка состојба во земјата, односно прогласената епидемија на Западнонилска треска во дел од Скопје, со цел да се засили контролата врз комарците како преносници на вирусот.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска присуствуваше на терен за време на спроведувањето на активностите.
„Како Општина Битола, спроведуваме вонредна ларвицидна дезинсекција, за оние ларвени облици на комарецот, а од 23.08 до 27.08 ќе спроведуваме и адултицидно третирање за зрелите форми на комарците. Да напоменам дека, Општина Битола, редовно ги спроведува превентивните мерки во континуитет од 2005 година. Општината се третира на критичните точки кои ги означува Центарот за јавно здравје и ова е една вонредна мерка во интерес на заштита и превенција од болестите кои ги пренесуваат комарците, меѓу кои и WNV (West Nile virus) вирусот“, рече градоначалникот Коњановски.
Директорката на Центарот за јавно здравје, Светлана Поповска Кљусева, потврди дека оваа година во Битола нема регистрирано случаи на оваа болест.
Таа истовремено упати апел и до граѓаните за нивно активно учество во заштитата од комарците.
„Ќе се спроведат и вонредни адултицидна и ларвицидна дезинсекција, но мора да нагласиме дека комарците се вектори на поголем број заразни заболувања, не само на западнонилската треска и затоа во решавањето, контролата на комарците треба сите граѓани да учествуваме. Тоа, не е проблем само на локалната самоуправа, иако локалната самоуправа во Битола, комплетно ги има спроведено досега сите мерки, но и ние како граѓани, мора да придонесеме во мерките за превенција. Застоените води во дворовите мора да бидат исчистени од страна на граѓаните, сите води кои што се во саксии, во кутии, да се покријат бунарите, резервоарите, да се исчистат олуците. Исто така, важно е да се постават заштитни мрежи на вратите и прозорците, граѓаните лично можат да користат репеленти, тоа се спрејови, гелови, стикови кои се прскаат на телото со цел да се одбијат комарците, да се избегнува излегување кога се комарците најактивни, навечер и во раните утрински часови, а кога се излегува во тој период да се носи облека со долги ракави и ногавици“, апелира директорката на Центарот за јавно здравје, Светлана Поповска Кљусева.
Од Општина Битола соопштија дека продолжуваат со континуирана координација со Центарот за јавно здравје за следење на состојбата и навремено преземање на сите потребни превентивни мерки.


