Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција го коментираше односот на СДС кон кривичната пријава поднесена против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Според Петрушевски, партнерството меѓу овие две партии продолжува преку обидите да се заштити Груби од соочување со правдата.
Поводот за реакцијата е изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, која посочи дека одлуките на претходната Влада биле колективни. Петрушевски јавно упати прашање до СДС дали со ваквите ставови се обидуваат да го амнестираат милионскиот криминал за кој се сомничи Груби.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема?“ – истакна Петрушевски.
Според него, по апсењето на Груби, во редовите на СДС и ДУИ владее паника и страв од тоа што дополнително би можело да биде откриено во текот на истрагата.


