Пендаровски им оддаде почит на Киро Глигоров и Борис Трајковски

 

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 8 Септември – Денот на независноста, денеска положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на покојните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на градските гробишта Бутел во Скопје.

Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва денеска ќе продефилираат во центарот на главниот град по повод 30 години независност на државата.

Централната прослава ќе биде на отворено пред Собранието на Република Северна Македонија со почеток во 17:30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.

Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

По обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.

Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.

08.09.2021 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега