САД ја забрзуваат испораката на воена помош за Израел

 

Новинските агенции денеска јавија дека американскиот државен секретар, Марко Рубио потпишал декларација за забрзување на доставувањето воена помош од околу четири милијарди долари за Израел. 

„Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која ја презеде функцијата на 20 јануари, одобри воени продажби на Израел во вредност од речиси 12 милијарди долари“, рекол Рубио додавајќи дека САД ќе продолжат да ги користат сите достапни инструменти за да ја исполнат долгогодишната посветеност на Америка кон безбедноста на Израел, вклучително и средства за спротивставување на безбедносните закани“. 

Рубио навел дека користел итни овластувања за да ја забрза испораката на воената помош за Израел.

Во меѓувреме, и Израел соопшти дека целосно го запира внесувањето на помош и залихи во Појасот Газа, предупредувајќи го Хамас за „дополнителни последици“ доколку не прифати нов предлог за примирје.

За потсетување, војната во Газа започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој резултираше со смрт на 1 218 луѓе, од кои повеќето цивили.  

Во израелската одмазда која уследи и која прерасна во воен конфликт загинаа повеќе од 48 000 луѓе во Газа, од кои, исто така, повеќето се цивили. 

По повеќемесечни преговори со посредништво на САД, Египет и Катар, Израел и Хамас успеаја да договорат примирје чија прва фаза стапи во сила на 19 јануари годинава.  

02.03.2025 - 15:15

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега