Детектор анкета: Расте поддршката за дигитализација во Македонија
Расте поддршката за дигитална трансформација на државата покажува истражувањето кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражување Скопје (ИПИС).
Според анкетата 68.7 проценти од граѓаните сметаат дека дигитализацијата ќе го подобри и забрза процесот на добивање услуги. Сепак 70 проценти од испитаниците сметаат дека во почетната фаза е значајно граѓаните да имаат асистенција од службеник при користењето дигитални услуги.
57 проценти од испитаниците сметаат дека реформите во јавниот сектор треба да се насочат кон дигитализација наспроти 28 проценти кои велат дека се потребни обуки и нови вработувања во јавниот сектор.
За првпат во овогодишното истражување на оваа тема се доближува бројот на граѓани кои избираат меѓу двете опции- услуга на шалтер или услуга во дигитална форма иако сеуште благо доминираат граѓаните кои избираат лично на шалтер да побараат и добијат услуга со 49.4 проценти наспроти оние кои преферираат дигитална опција со 45.6 проценти. Ова претставува раст од 12 проценти на оние кои сакаат дигитални услуги споредено со истото истражување направено во 2023 година.
Сепак се уште 60 проценти од испитаниците велат дека до сега не искористиле ниту една услуга онлајн. 38.4 проценти велат дека искористиле онлајн услуга. И на ова прашање има раст од 12 проценти споредено со 2023 година.
37 проценти од испитаниците се уште се скептични околу безбедноста на нивните податоци онлајн. 33.2 проценти сметаат дека сега е полесно да се дојде до документи споредено со пред 5 години. Ова е значителен раст во однос на истото прашање во 2024та година кога во ек на пасошка криза само 19 проценти граѓани беа задоволни од процедурите за добивање документи.
Генералната средна оценка за дигитализацијата во земјава е чиста тројка.
Истражувањето на јавното мислење за Детектор го спроведе ИПИС телефонски во периодот од 24-26 јануари оваа година на репрезентативен примерок од 1033 испитаници од целата држава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа