Папата за тортурата врз домородните деца: Жал ми е, ве молам простете

 

Папата Франциско денеска побара прошка за злото направено врз домородното население во Канада, особено во интернатите за индијански деца со кои управувала Католичката црква и изрази жалење што некои нејзини членови учествувале во политиката на уништување на домородната култура.

„Жал ми е, барам прошка“, рече папата пред илјадниците домородни луѓе во Масквацис, во западна Канада.

Зборувајќи за „погубната грешка“, тој ја призна одговорноста на некои членови на Црквата во тој систем во кој „децата трпеа физичко, вербално, психичко и духовно малтретирање“.

Зборовите на папата, преведени на англиски, беа дочекани со громогласен аплауз.

Папата Франциско трипати побара прошка, во првиот, многу очекуван говор што го одржа на шпански, на местото на поранешниот интернат во Ерминескин, во присуство на бројни преживеани и членови на домородните заедници.

„Местото каде што сме сега, во мене разлеа болен крик, придушен плач што ме следи последниве месеци“, посочи тој, спомнувајќи ги траумите што ги носеа генерациите на првите жители и „рани што сè уште крварат“.

Ова насилство, кое истражната комисија го опиша како „културен геноцид“, однесе најмалку 6.000 животи од крајот на 19 век до 1990-тите и, како ударен бран, погоди неколку генерации, особено по откривањето на илјадници анонимни трупови во 2021 година.

„Политиката на асимилација заврши со систематска маргинализација на домородните народи (…) Вашиот јазик и вашата култура беа негирани и уништени“, истакна Папата.

„Сеќавањето на погубното искуство што се случи во резиденцијалните училишта нè погодува, огорчува и боли, но тоа е неопходно“, рече тој.

Посочувајќи дека споменот треба да се негува, 85-годишниот папа роден во Аргентина, кој во неделата пристигна на шестдневно патување во Канада, рече дека „барањето прошка не е крај, туку само првиот чекор на патот до исцелување“.

25.07.2022 - 23:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега