Папата Лав XIV денеска ги повика државите да престанат со подготовките за нови војни, порачувајќи дека единствено мирот е свет.
– Мораме повторно да го изградиме мирот насекаде, а не да се подготвуваме за нови војни! Војната никогаш не смее да се води во Божје име! За нас верниците, ‘да се војува во име на религијата всушност означава да се нападне самата вера’ – рече папата во видеопорака упатена до учесниците на меѓународниот собир „Мир без оружје што разоружува“, одржан во Асизи, пренесе агенцијата АНСА.
Поглаварот на Католичката црква истовремено порача дека не постои нешто што може да се нарече света војна, бидејќи единствено мирот е свет.
– Токму во вакви времиња, обележани со култура на моќта, потребно е да се негува ‘духот на Асизи’, што подразбира отфрлање на секое религиско оправдување за војна, како и прифаќање на духот на посредување и дијалог – додаде папата во пораката.

