Засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај стапија на сила денеска во Охрид и Струга поради состанокот на лидерите од процесот Брдо–Бриони, кој се одржува денес и утре во Охрид.
Полициските станици за безбедност во патниот сообраќај во двата града спроведуваат засилена контрола и регулирање на сообраќајот на трасите за возилата под придружба – особено по булеварот „Туристичка“ во Охрид, дел од автопатот Охрид – Кичево, централното градско подрачје во Струга и регионалниот пат Струга – Дебар – каде што се забранети запирање и паркирање, а се можни и краткотрајни застои при минување на делегациите.
СВР Охрид воспостави координација со локалната самоуправа, надлежните служби за одржување на патиштата, комуналните фондови и јавните претпријатија, и апелира до возачите да ги следат насоките на полицијата и да ги користат возилата само во неопходни случаи додека траат мерките.

