Официјална Софија: Со наследен тоталитарен историски наратив Македонија нема да добие поддршка од Бугарија

Бугарското МНР денеска реагираше на вчерашното соопштение на Владата на Република Македонија и го обвинува Скопје дека ја манипулира вистината.

Официјална Софија ја оценува како „манипулативна“ тезата дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Македонија или нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат.

Понатаму во соопштението се наведува дека, сепак, Бугарија не прифаќа афирмацијата на идентитетот на македонските граѓани да биде на штета на нејзините национални интереси.

-Бугарската позиција целосно се заснова на Рамковната позиција донесена на 9 октомври 2019 година, поддржана од Националното собрание на Република Бугарија, во која се утврдени барањата со кои нашата земја се залага за понатамошна поддршка за интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ.Предлозите на Бугарија за вклучување во Рамката за преговори за Република Северна Македонија се засноваат на јасни преседани, но за жал сегашното претседателство не разговараше за нив. Тие се во согласност со заклучоците на Советот на ЕУ од 25 март 2020 година, кои ја нагласуваат важноста од постигнување опипливи резултати и добронамерна имплементација на билатералните договори на Република Северна Македонија со Бугарија и Грција, како дел од процесот на проширување, се вели во соопштението од Бугарското МНР.

Оттаму велат дека за жал последната година Македонија се обложила на дипломатска и медиумска кампања за дискредитација на позициите на Бугарија бидејќи, како што велат, многу пати лажни информации беа презентирани пред јавноста во врска со бугарската позиција.

-Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија, се вели во дописот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.12.2020 - 12:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега