Во сите основни училишта на територијата на Општина Гази Баба наставата секој понеделник ќе започнува со интонирање на државната химна, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.

Градоначалникот Стефковски преку својот профил на Фејсбук ја образложи одлуката за воведување на оваа практика во училишните клупи.

„Секој понеделник, наставата во основните училишта на територијата на Општина Гази Баба ќе започнува со интонирање на химната на Република Македонија. Химната не е само песна. Таа е симбол на нашата слобода, државност, историја и на жртвата на генерациите што се бореле за самостојна и независна Македонија“, истакна Стефковски.

Тој посочи дека преку оваа иницијатива се цели кон негување на почитта кон државните симболи и градење на чувство на припадност кај младите.

„Преку образованието ги градиме знаењето и иднината на децата, но истовремено ги учиме да ја почитуваат својата татковина, нејзините национални симболи и вредностите што нè обединуваат како народ. Љубовта кон Македонија се создава и негува уште од најмала возраст – во семејството, во училиштето и во секојдневниот живот. Со оваа одлука градиме чувство на припадност, заедништво, достоинство и почит кон државата. Нека секој нов почеток на учебната седмица биде исполнет со гордост, почит и љубов кон нашата единствена татковина! МАКЕДОНИЈА Е СÈ ШТО ИМАМЕ!“, додаде тој.

Exit mobile version