Од понеделник, 16 ноември, со работа ќе започне и експозитурата на „АЛТА банка“ АД Битола во Прилеп, со што се проширува достапноста на услугите за клиентите, информираат од Народната банка.
Во прилепската експозитура, граѓаните кои имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат готовина до 20.000 денари во период од две недели. Истовремено, со работа продолжуваат и филијалите во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Трговскиот центар „Бисер“ во Скопје, каде клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер, да плаќаат комунални услуги и да отплаќаат кредити.
Дополнително, од 10 ноември во функција се и електронското и мобилното банкарство. За клиентите со платежни картички останува да важи лимитот за располагање со средства до 15.000 денари неделно, додека за оние без картички ограничувањето е до 20.000 денари на две недели. Овие лимити се применуваат збирно за сите сметки и канали, вклучувајќи плаќања во трговијата, на интернет, повлекување од банкомат, на шалтер и преку електронско банкарство.
Физичките лица можат без никакво ограничување на износот да располагаат со новите приливи на нивните сметки, доколку тие средства пристигнуваат од сметки отворени во други банки и даватели на платежни услуги. Компаниите, пак, можат да исплаќаат плати заедно со даноците и придонесите, под услов тоа редовно да го правеле преку сметките во оваа банка во последните три месеци.
Од Народната банка посочуваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да преземаат чекори за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства.

