Министерството за образование и наука, во соработка со Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, пушти во употреба нова дигитална алатка за поддршка на корисниците на Е-дневникот.
Станува збор за напредно софтверско решение во форма на четбот, базирано на современа RAG (Retrieval-Augmented Generation) архитектура, кое е директно интегрирано во постоечкиот систем на Е-дневникот.
Оваа алатка користи вештачка интелигенција за да овозможи интелигентно пребарување и брзо генерирање прецизни одговори на сите прашања и недоумици кои корисниците ги имаат при секојдневната работа со дневникот.
Четботот нуди поефикасна обработка и структурирање на документацијата, креирајќи сеопфатна база на знаење достапна на македонски и на албански јазик, што овозможува лесен пристап до релевантни информации за сите наставници и родители.
Новиот систем е успешно имплементиран и хостиран на безбедна облак-платформа со високи механизми за заштита, а истовремено е воспоставен и мониторинг за следење на перформансите и постојана оптимизација на софтверот.

