Ждрепка може да реши која селекција ќе оди во осминафиналето

По вчерашниот нерешен резултат на дуелот меѓу САД и Португалија 2:2, постои можност со ждрепка да биде решено кој ќе биде вториот патник од групата Г во осминафиналето на Светското првенство во Бразил.

Можеби делува неверојатно, но никако несмее да биде исклучена можноста дека со одигрувањето на натпреварите од последното коло во оваа група во кој ќе играат Германија – САД и Португалија – Гана, може да се случи селекциите на САД и Португалија да имаат идентичен учинок на табелата во сите клучни критериуми за конечен пласман.

Моменталната состојба на табелата во Г групата е: Германија 4 бодови (6:2 гол разлика), САД 4 (4:3), Гана 1 (3:4) и Португалија 1 (2:6).

Варијантата според која двете селекции би имале ист учинок е следна.

Во случај Германија да го совлада САД со три гола разлика 3:0 (4:1 или 5:2), а Португалија да ја победи Гана со два гола разлика 2:0 (3:1 или 4:1), во тој случај ждрепката ќе решава.

Правилата на ФИФА се јасни. Пласманот во групите најнапред се одредува според бројот на освоени бодови, потоа вкупната гол разлика (дадени – примени), а на крајот поголемиот број на постигнати голови. 

Во случај двата тима да бидат израмнети по овие три критериуми, дури тогаш се гледа меѓусебниот дуел, во случајот и тој е израмнет 2:2.

Во тој случај ФИФА ќе организира ждрепка.

Значи, доколку Американците загубат од Германија со 3:0, а Португалија слави со 2:0 над Гана, тогаш изгледот на табелата би бил следен: Германија 6 бодови, САД 4 (4:6), Португалија 4 (4:6) и Гана 1 бод.

Сепак оваа теорија во многу ќе зависи и од селекцијата на Гана која со евентуална победа со два гола против Португалија и минимален пораз со 1 гол на САД од Германија, селекцијата од Африка ќе го освои второто место во групата, па ФИФА ќе може да ја избегне непријатноста односно, ждрепката која треба да реши кој ќе продолжи на Мундијалот, а кој ќе си замине дома. 

23.06.2014 - 18:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега