Потпишан меморандум за соработка меѓу членките на мрежата на ЕЕГЈИЕ и ГИЗ

Денеска во салата на Советот на Град Скопје беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу „Мрежата на енергетски ефикасни главни градови во југо-источна Европа, меѓу коишто се: Загреб, Скопје, Сараево, Подгорица, Тирана и Фрајбург (како град модел) и Германската развојна програма, со што уште еднаш се потврди решителноста на челниците на градовите и понатаму да се борат со преголемото загадување што е еден од предизвикувачите на климатските промени.

Организатор и главен потписник на Меморандумот е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој ја истакна посветеноста на Градот Скопје во однос на одржливото користење на енергијата. Целта на овој Меморандум е дефинирање на идните активности и соработката помеѓу партнерите во Мрежата на енергетски ефикасни главни градови во Југоисточна Европа. Претходно во Салата за состаноци на Кабинетот, се одржа работна сесија со претставниците на Канцелариите за енергетска ефикасност на главните градови во југо-источна Европа.

- Свесни за се повисоките трошоци за енергија, важноста за сигурно снабдување со енeргија, како и климатските промени предизвикани од ирационално користење на енергијата, Градот Скопје ја потврдува намерата за реализација на проектите од областа на енергетската ефикасност, а во согласност со сопствените оперативни планови, кои ќе придонесат за намалување на потрошувачката на фосилни горива за затоплување, намалување на емисиите на стакленички гасови и промоција за користење обновливи извори на енергија. Градот Скопје од Република Македонија и преостанатите градови во Мрежата на енергетско - ефикасни главни градови од Југоисточна Европа, во рамките на своите ингеренции непосредно се вклучени во решавање на енергетската ефикасност. Сите градови од мрежата ја потпишаа Повелбата на Градоначалници во Европскиот Парламент, во Брисел.  Потпишувањето на Повелбата на градоначалниците е прва и најамбициозна иницијатива на Европската комисија со директно таргетирање на локалните власти и нивните граѓани,  да ја преземат водечката улога во борбата против глобалното затоплување. Со потпишување на Повелбата (Скопје на 4 мај 2010 година), градовите потписнички треба да  исполнат:          да се надминат целите поставени од ЕУ за 2020, за намалување на емисијата на јаглеродниот диоксид (CO2) од најмалку 20% во градoвите и да се направи Акциски план за одржлива енергија (SEAP) вклучувајќи го инвентарот на основни емитувачи, кој ќе покаже како ќе се остварат тие цели. Мерките предложени во СЕАП- от одблиску ја претставуваат насоката на активностите во однос на Програмата за развој на градовите. Во фокусот на енергетската политика е и прифаќањето, развојот и унапредувањето на политиката за енергетска ефикасност преку информативните канцеларии за Енергетска ефикасност на градовите. Од друга страна, планираните проекти кои се однесуваат на политиката за животна средина вклучуваат и идни проекти, како промоција и создавање на нови сообраќајни решенија, нови видови на транспорт, нови технологии во областа на осветлувањето, следење на загадувањето на воздухот во градовите, информации за загадување на животната средина и мерките за нејзино спречување. Ве уверувам дека Градот Скопје и понатаму ќе ја продолжи борбата против глобалното затоплување и ќе даде силна поддршка на иницијативите поттикнати  за пронаоѓање на обновливи извори на енергија и нивниот начин на примена во секојдневниот живот, истакна градоначалникот Трајановски. 

Со потпишувањето на овие документи, градовите ја изразија својата подготвеност за соработка и јакнење на веќе постојната соработка во областа на енергетската ефикасност и обновливи избори на енергија, а со тоа да придонесат кон намалување на потрошувачката на енергија, зголемувањето на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на јаглероден диоксид. Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) го задолжи GIZ за поддршката од германската страна, која, преку проектите, ќе се спроведува од GIZ/ Отворениот регионален фонд за ЈИЕ за енергетска ефикасност.

- Сите членки на Мрежата на енергетски ефикасни главни градови во југо-источна Европа се членки на европската иницијатива наречена Повелба на градоначалниците, една од најпрогресивните иницијативи  поддржана од над 5700 градови кои се посветени на намалување на емисиите на CO2 за 20% или повеќе, до 2020-тата година. Во земијите на jуго-источна Европа повеќе од 30% од популацијата живее во главните градови. Поради нивната висока енергетска потрошувачка, градовите придонесуваат кон голем дел од емисиите на стакленички гасови. Овие предизвици бараат соодветен одговор на национално и локално ниво, а исто така и интензивна размена на добри практики. Во 2009-та, овие градови ја започнаа нивната соработка во полето на раководење со енергијата, воочувајќи ја потребата за преземање на обврските и препознавајќи ја водечката улога на главните градови во борбата против климатските промени. Оваа соработка е преточена во Мрежа на енергетски ефикасни главни градови во 2011-та, каде што, сите градови партнери јасно ја покажаа заложбата да продолжат да соработуваат во спроведување на активностите поврзани со ефикасното искористување на енергијата, рече Ханс-Хелге Сандер, заменик-амбасадор на Сојузна  Германија, во Република Македонија.

Џејмс Макбет, извршен директор на ГИЗ за Македонија и Косово, го изрази своето задоволство од примерите коишто ги посочува Скопје како главен град, а пак реализацијата на конкретни проекти на  Град Скопје претставуваат модел какви практики треба да се следат и од другите градови, зашто со намалувањето на емисијата на штетни гасови во воздухот во овој дел од Европа, се влијае на поефикасно справување со климатските промени воопшто во Светот.

Градот Скопје, Канцеларијата за управување со енергијата и Инфо-центарот за енергетска ефикасност и обновновливи извори на енергија, веќе работат на реализација на голем број проекти, а со тоа придонесуваат за зачувување на животната средина и природата. Досега е изготвена Студија за енергетска ефикасност на објектите на подрачјето на Градот Скопје, променети се над 75% од уличните светилки кои се под ингеренција на Град Скопје со натриумови светилки (енергетски ефикасни), спроведено е економично регулирање на топлински станици (систем со второстепена регулација),  во кој  се вклучени бараките каде што е сместена  администрацијата на Градот и 17 средни училишта кои се под негова ингеренција, гасифицирани се две средни училишта и направени проекти за гасификација за уште две средни училишта, извршена е промена на PVC прозорци во речиси сите средни училишта, изработен е едногодишен план и програма за енергетска ефикасност за следните три години (по Законот за енергетика), во Градот Скопје веќе функционира централното регулирање на сообраќајот, со донација на Владата на Р.Македонија, во сообраќајот на Скопје, веќе се вклучени околу 70% од 302 нови автобуси со кои ќе се заштеди големо количество на гориво и ќе се зголеми квалитетот на воздухот во градот, во тек е реализација на проект за лед светилки на семафорите и парковско осветлување со лед светилки (енергетски ефикасни), осветлување со светилки со фотонапонски панели кои ја трансформираат сончевата енергија во електрична на два видиковци на планината Водно, проширување на старите сообраќајници во нови современи булевари, изградба на нови современи сообраќајници, проекти за нови подземни сообраќајници и кружни токови на раскрсниците се со цел на континуирано движење на возилата, а со тоа економично трошење на горивото, изградба на нови пешачки и велосипедски патеки и реконструкција на постојните, а во тек е проектот за набавка и вклучување на електрични возила за изнајмување и туристичко разгледување на градот Скопје.

Според податоците на Европскиот статистички завод (EUROSTAT) урбаните подрачја во Европската унија (EU) одговорни се за 80% од енергетската потрошувачка  и соодветните емисии на CO2 со тренд на годишен пораст од 1,9%. Токму заради таа причина, целта на Европската комисија за намалување на емисиите на стакленички гасови за над 20% може да се оствари само ако во процесот се вклучат и локалните власти, локалните инвеститори, граѓаните и нивни здруженија. Заедно со националните влади, локалните и регионални власти, државите членки на ЕУ ја делат одговорноста и активно ја преземаат обврската за борба против глобалното загревање преку програма за ефикасно користење на енергијата и користење на обновливите извори на енергија.

 

 

 

 

05.06.2014 - 13:51
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега