Шолц му вети на Зеленски продолжување на воената помош
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го увери украинскиот претседател Володимир Зеленски во дополнителна германска воена помош, во нивниот прв телефонски разговор откако германскиот канцелар неодамна разговараше со рускиот претседател Владимир Путин.
-Германскиот канцелар ја потврди непрекината и континуирана солидарност со Украина и гарантираше дека ќе продолжи германската воена помош за Украина, во координација со европските и меѓународните партнери, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Зеленски, како што беше соопштено, му се заблагодарил на Шолц за воената помош, особено во однос на противвоздушната одбрана.
Двајцата лидери изјавиле дека ќе продолжат со „конструктивната размена на идеи, исто така со поглед на можните патишта кон праведен мир во Украина“.
Ова е првиот официјален разговор меѓу Шолц и Зеленски откако германскиот канцелар пред две недели телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски потоа го критикуваше разговорот со Путин изјавувајќи дека тој ја отвори „Пандорината кутија“ што ги поткопа напорите да се изолира Путин и да се заврши војната во Украина со „праведен мир“.
Шолц го бранеше разговорот со Путин, нивната прва директна комуникација по речиси две години, објаснувајќи дека едночасовниот разговор со рускиот челик е неопходен за да се потврди од прва рака дека Германија нема да се поколеба во помошта за Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа