Одбележан Светскиот ден за заштита на биолошката разновидност
Заменик-министерот за животна средина Стево Темелковски и градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезоски денеска се обратија на одбележувањето на Светскиот ден за заштита на биолошката разновидност што се одржа во Отешево.
Организатори на настанот се Македонското еколошко друштво (МЕД), со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка - (ГИЗ), а под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.
- Водата значи живот. Таа е основа за благосостојбата на луѓето, вклучувајќи ја водата за пиење, безбедноста на храната, и овозможува голем број економски активности. Екосистемите, особено шумите и влажните живеалишта, ја регулираат достапноста на водата и обезбедуваат чиста вода за човекот. Водите се cross-cutting тема и бараат партнерство за нивно зачувување и одржливо управување, изјави Темелковски.
Тој додаде дека прашањата за управување со водите се вклучени во глобалниот Стратешки план за биолошка разновидност за 2011-2020 година.
За значењето на биодиверзитетот и идните активности во насока на негова заштита и одржливо искористување во Преспанскиот регион зборуваше претседателот на Македонското еколошко друштво, Љупчо Меловски.
Главната тема на настанот беше „Водите и биодиверзитетот“, а присуствуваа и претставници од Германското друштво за меѓународна соработка. Присутните ја разгледаа изложбата на детски ликовни творби за биодиверзитет и го посетија Саемот за промоција на регионот, на кој беа претставени традиционални занимања, производство на храна, грнчарски занаети, рибарство, одгледување карактеристични сорти и производи...