ДИК го дистрибуира отпечатениот избирачки материјал

 

Државната изборна комисија, утрово од битолската печатница АД „Киро Дандаро“ почна да го презема и врши дистрибуцијата на избирачкиот материјал за претстојните претседателски избори што в недела ќе се одржат во Република Македонија.

Директорот на  печатницата „Киро Дандаро“-Битола, Драги Милошевски за МИА изјави дека комплетниот избирачки материјал е испечатен квалитетно и во рок кој што го задала Државната изборна комисија, со што уште еднаш се потврдени високите стандарди и професионалност на таа компанија.

Гласачкиот материјал ќе биде во функција на сите избирачи во единствениот избирачки список кој за годинешните претседателски избори во Република Македонија изнесува 1.779.572 граѓани со право на глас.

Како што е познато, според утврдената единствена листа на кандидат за претседател на Република Македонија, на гласачкиот лист под реден број 1 е Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО ДПМНЕ и коалиција „За подобра Македонија“, под реден број 2 е Иљаз Халими, кандидат на Демократска партија на Албанците-ДПА, под реден број 3 е Стево Пендаровски, кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија-СДСМ и под реден број 4 е Зоран Поповски, кандидат на група избирачи Граѓанска опција за Македонија-ГРОМ.

На гласачкото ливче за избор на претседател на Република Македонија на 13. април 2014, како што одлучи Државната изборна комисија, на кандидатите предложени од група пратеници ќе го пишува името на кандидатот, бројот на пратениците кои го предложиле и партискиот симбол, а на оние кои се предложени  со потписи на граѓаните до името на кандидатот ќе пишува група избирачи и симболот на партијата.

Изборниот процес во Република Македонија в недела на 13 април ќе го следат 8.325 домашни акредитирани набљудувачи и 326 акредитирани набљудвувачи од странство.

10.04.2014 - 09:20
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа